Прославениот тренер, сега функционер, Пет Рајли ќе добие статуа од Лос Анџелес Лејкерс и таа ќе биде изложена пред арената во која овој тим ги игра своите натпревари.
Со тоа, Лејкерс ќе го направат бесмртен човекот кој како тренер освои четири шампионски титули во 80. години од минатиот век и претходно по една како играч и помошник. Рајли играше за Лејкерс од 1970 до 1975 година, потоа беше коментатор, а во 1979 стана асистент во стручниот штаб на Пол Вестхед.
Тренерската функција ја презеде во 1981 година и предводеше една од најславните генерации не само во историјата на франшизата, туку и во постоењето на НБА лигата. Во неговиот тим, кој играше толку атрактивна кошарка што го нарекуваа Шоутајм Лејкерс, меѓу другите играа Меџик Џонсон и Карим Абдул Џабар и со нив Рајли оствари 533 победи на 727 натпревари (73,3%), плус 102 победи во плејофот за девет сезони.
Од 1995 година Рајли е во Мајами Хит, прво како тренер, а сега како генерален менаџер, а претходно четири сезони помина во Њујорк Никс. Неговата статуа во Лос Анџелес ќе биде поставена покрај оние на Карим Абдул Џабар, Меџик Џонсон, Елџин Бејлор, Џери Вест, Коби Брајант, Шекил Онил и коментаторот Чак Херн.


