Последните месеци резултатите на Мајами Хит се во сенка на првата ѕвезда во тимот Џими Батлер кој води лична војна со менаџментот на франшизата и по секоја цена сака да изнуди трејд.
Со оглед на тоа што преодниот рок во НБА завршува на 6 февруари, извесно е дека ветеранот ги минува последните десетина дена на Флорида, но прашање е каде ќе ја продолжи кариерата. Во овој случај немаат никакво значење неговите желби, туку се зависи од претседателот Пет Рајли, А, тој исто така сака да се ослободи од Батлер, но има интересен план кој ако профункционира, ќе го стави Мајами повторно во ситуација да се бори за титулата во НБА.
Медиумите на Флорида пишуваат дека Рајли не сака во трејдот со Батлер да бидат вклучени играчи кои имаат важечки договори по 2026 година бидејќи идното лето сака да „нападне“ голема НБА ѕвезда. Догодина би имал на располагање 80 милиони долари и прва желба му е во екипата да го донесе Лука Дончиќ.
Словенецот од почетокот на својата кариера е во Далас и одлично се чувствува таму, а и нема дилема дека Маверикс ќе му понудат продолжување на договорот пред неговиот истек во 2026 година. Рајли и во минатото успевал да убеди некои од најголемите ѕвезди да му се приклучат, примери за тоа се Шекил Онил, па Леброн Џејмс и Крис Бош и никој не треба да се сомнева во неговите преговарачки квалитети поради што никој не смее да го отпише Мајами.
Во случај да не успее со Дончиќ, Рајли во 2026 година ќе има плејада фантастични кошаркари кои ќе бидат слободни агенти (ограничени, неограничени или со играчки опции), како Диерон Фокс, Енферни Симонс, Диандре Ектон, Паоло Банкеро, Тре Јанг, Зек Лавин итн.


