МЗТ Скопје и Пелистер вечерва го почнуваат својот пат кон финалето од домашниот плејоф, со пресметката во „Јане Сандански“.
Од 2022 до 2024 година овие две екипи три пати по ред се среќаваа во големото финале, но сега судбината ги спои во претпоследната фаза. Шампионот бара продолжување на доминацијата во домашната кошарка, не загубил ниеден трофеј од 2022 година и целта останува непроменета – освојување на шампионската титула. Успех вечерва, а и во целата серија очекува плејмејкерот на МЗТ Скопје, Марин Петков.
„Пелистер е противник со кој се соочивме неколку пати во плејофот во изминатите неколку години. Јасно е дека денес нѐ очекува тежок натпревар како и во целата серија пред нас, но веруваме во нашата игра и очекуваме да излеземе како победници. Како наша предност ги гледам домашниот терен, нашите навивачи и целокупната подготвеност на нашиот тим. Со оглед на тоа што конечно сме комплетни, со исклучок на Магдевски, можам да кажам дека во моментов сме во најдобра форма“, рече Петков за КОШ.МК.
Вечерашниот натпревар почнува во 19 часот, а МЗТ Скопје ги пушти во продажба билетите кои чинат 100 денари.


