Новиот тренер на Пелистер, Александар Петровиќ со пораз дебитираше на клупата на битолскиот клуб откако во денешниот меч од Суперкупот неговиот тим загуби од МЗТ Скопје.
Пелистер долго време го диктираше темпото, три четвртини беше рамноправен противник, но на крајот доживеа и преубедлив пораз во однос на она што се случуваше на теренот. Петровиќ жали за пропуштената шанса, но најавува дека ова е само почеток и дека ќе има уште возбудувања.
„Во првото полувреме одигравме како што се договоривме и тогаш имавме водство. Во вториот дел дојде до пад во играта и концентрацијата, особено во одбраната каде дозволивме да примиме лесни поени, не направивме фаули во вистинско време и тука ги гледам причините за поразот.
Им честитам на играчите на МЗТ Скопје, денеска беа подобри од нас. Ова е почеток на сезоната, во вторник не очекува дуел со Широки Бријег и се насочуваме кон тој меч“, изјави тренерот на Пелистер.


