По пауза од безмалку две години, Александар Петровиќ се враќа во прволигашката кошарка, сега како тренер на Пелистер откако последен пат го водеше МЗТ Скопје, до пред крајот на 2022.
Искусниот стручњак повторно ќе биде на клупата на Пелистер, клуб на чие кормило беше во сезоната 2007/08. Пред него е голем предизвик, да го направи она што не успеаја претходниците – да донесе трофеј и со тоа да ги израдува навивачите на Пелистер, но и да го круниса проектот на битолскиот клуб кој почна лани. В сабота вицешампионот го очекува дуел во Суперкупот на Македонија, против МЗТ Скопје и тоа ќе биде прва шанса да се оствари посакуваната цел.
„Ова е мое второ враќање во Пелистер, наидувам на еден нов проект, многу посериозен од она што беше случај во минатото. Пелистер во моментов е сериозно организиран клуб, се што побарав беше исполнето, подготовките што ги одработевме беа беспрекорно организирани. Можам да кажам дека ростерот е одлично пополнет, имаме по двајца кошаркари на секоја позиција. Почнуваме во сабота против МЗТ Скопје, секако дека ќе се обидеме да стигнеме до трофејот, но би сакал да порачам но ова ќе биде долга сезона, очекувам момците да дадат се од себе, да стигнеме до задоволителни резултати.
Би сакал пред се да се заблагодарам на управата за условите што ги имаме, ова немаше да го имаме како проект да не беше Марјан Илиевски и сакам во свое име и во име на сите играчи да се заблагодарам за она што ни беше овозможено. Имаме беспрекорни услови во Битола, бевме заедно на подготовки во Златибор каде создадовме еден вид на семејна атмосфера, тие подготовки ги искористивме токму за тоа, за уште поголемо подобрување на атмосферата.
Имаме квалитетна екипа, имаме одлична атмосфера и верувам дека уште повеќе ќе напредуваме како што ќе минува времето, но не криеме дека сакаме барем еден трофеј. Секое натпреварување е значајно, Пелистер четврта сезона е во АБА2, но форматот е нов и поразличен од минатото, прва цел ни е да ја минеме првата фаза, а потоа и да се бориме за што подобар пласман.
Ќе одиме на трофеј во сите натпреварувања, ќе видиме до каде ќе дотуркаме на крајот од сезоната, но мислам дека постојат предуслови за врвни резултати. Она што можам да го кажам е дека ќе играме убава кошарка за око како што беше случај и на овие подготовки, сигурно ќе бидеме конкурентни за освојувње на трофеите, а за пехарите ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Во АБА2 секако имаме поголема конкуренција, но она што можам да го ветам дека нема да бидеме во подредена улога против ниту еден ривал, подготвени сме за да одиме на победа на секој натпревар“, порача Петровиќ.
Пелистер е троен последователен вицешампион на Македонија и финалист на Купот од минатата сезона. Во сите четири случаи, кобен за битолскиот тим беше МЗТ Скопје со кого ќе се сретне и во дебитантскиот настап во Суперкупот.


