Женската кошаркарска репрезентација на Македонија го заврши ноемврискиот циклус од претквалификациите за Евробаскетот 2029 со два пораза, но селекторот Виктор Петровски смета дека резултатите не треба да бидат единственото мерило за напредокот на националниот тим.
По убедливиот неуспех против Естонија синоќа во Штип, предводникот на македонската селекција посочи дека се работи за состав кој сè уште бара вистински баланс, особено поради смената на генерациите и вклучувањето на голем број млади кошаркарки. Токму затоа, Петровски смета дека овој период треба да се искористи за создавање стабилна основа за иднината.
Иако Македонија не успеа да стигне до посакуваните резултати, селекторот е задоволен од борбеноста и пожртвуваноста што ги покажале неговите избранички. Како позитивен пример го посочи и дуелот со Романија, на кој нашите кошаркарки одиграа подобро во второто полувреме, што според него е потврда дека тимот има простор за напредок.
„Не смееме да заборавиме дека ова е репрезентација која се гради од почеток, со многу млади играчи и со сериозни промени во генерацискиот состав. Резултатите се важни, но за мене е подеднакво значајно како девојките се однесуваат на теренот. Покажаа дека имаат борбен дух, дека не се откажуваат и дека се подготвени да се вложат до последен момент. Тоа е односот што го очекувам од секоја кошаркарка што го носи националниот дрес.
Не треба да го занемариме ниту натпреварот со Романија, на кој успеавме да бидеме подобри во вториот дел. Тоа е еден од показателите дека можеме да се подобруваме и да одговориме на противниците. Секако, пред нас има многу работа, мораме да напредуваме во повеќе сегменти и да извлечеме поуки од овие натпревари.
Сепак, верувам во девојките, во нивните способности и во она што можат да го постигнат. Ќе ја имаат мојата целосна поддршка и продолжуваме заедно да работиме. Сакам да изградиме колектив во кој секоја кошаркарка ќе се бори за секоја топка и секоја победа. Убеден сум дека со посветеност и заедништво оваа репрезентација може да направи многу повеќе во иднина“, порача Петровски.
Пред македонската репрезентација се уште реваншите против истите ривали на кои ќе се обиде да оствари подобри резултати.


