По една недела подготовки, во текот на викендот женската јуниорска репрезентација на Македонија ги одигра и првите подготвителни натпревари, пред настапот на Европското првенство Б-дивизија во Романија.
Нашите млади кошаркарки гостуваа во Бугарија каде доживеаја два пораза, но не беа комплетни, а и резултатот на овие натпревари не беше во прв план. Селекторот Виктор Петровски ги гледа позитивните работи од дуелите и е свесен дека до заминувањето на првенството треба да се елиминираат некои слабости.
„Задоволен сум од желбата и енергијата што ја покажуваат кошаркарките. Работат посветено, имаат одличен пристап и на секој тренинг влегуваат максимално мотивирани.
Контролните натпревари против Бугарија ни дадоа јасна слика за моменталната состојба на тимот. Видовме многу позитивни работи, но и сегменти на кои треба дополнително да работиме пред почетокот на Европското првенство. Иако во овој период сме некомплетни поради неколку повредени играчи.
Продолжуваме со максимална посветеност, а оваа недела нè очекуваат и контролните натпревари против Косово, кои ќе бидат уште една добра можност да го провериме нашиот напредок и да продолжиме со подготовките за Европското првенство“, рече Петровски.
Европското првенство Б-дивизија за јуниорки се игра од 31 јули до 9 август, а Македонија е во групата Д со Словачка, Грција, Данска и Велика Британија.


