Српскиот репрезентативец Филип Петрушев потпишал за Црвена Звезда и во новата сезона повторно ќе го носи дресот на белградскиот клуб.
Информацијата денеска ја објавија српските медиуми кои, сепак, тврдат дека има еден важен момент во договорот. Петрушев нема веднаш да ѝ се приклучи на Звезда, туку тоа ќе го направи пред крајот на овој месец. Причина за тоа е желбата на тренерот Јоргос Барцокас да го има на располагање за Суперкупот на Грција кој се игра на 28 и 29 септември на Родос, а Олимпијакос во полуфиналето ќе се сретне со Перистери.
Ако нема дополнителни промени, Петрушев би заминал за Белград на последниот ден од септември што значи дека Звезда без него би ја почнала сезоната во АБА лигата чии први две кола се играат на 22 и 27 овој месец, но ќе го има на располагање на стартот на Евролигата, против Париз на 4 октомври.
Српските медиуми тврдат дека Звезда за Петрушев платила отштета од еден милион евра, а во договорот има излезна клаузула за НБА лигата.

