Репрезентативецот на Србија. Филип Петрушев официјално се врати во тимот на Црвена Звезда, по неполна година помината во тимот на Олимпијакос.
Тој ќе го облече дресот на српскиот шампион како позајмен играч од Олимпијакос до крајот на сезоната, како замена за повредениот Џоел Боломбој пред кого најверојатно е долга пауза. За враќањето на Петрушев се шпекулираше и во текот на летото, неколку пати српските медиуми тврдеа дека е постигнат договор, но 24-годишниот кошаркар, сепак, ја почна сезоната во Олимпијакос.
„Црвена Звезда ја известува јавноста дека во клубот се врати нашиот некогашен член Филип Петрушев. Тој потпиша договор до крајот на сезоната и ќе ја засили екипата на позициите 4 и 5. Црвена Звезда така оствари важна победа и по повеќенеделни преговори ангажираше играч кој имаше огромна желба да се врати во нашите редови“, пишува, меѓу другото, во соопштението од Црвена Звезда.
Српскиот кошаркар имаше чудни 12 месеци во кои смени повеќе клубови во НБА и Европа. По завршувањето на сезоната 22/23 замина во НБА, во тимот на Филаделфија која ги имаше правата на него. Таму не се задржа долго, одигра неколку натпревари по што беше трејдуван во Сакраменто, но и франшизата од Калифорнија го отпушти за неполн месец. На 28 ноември 2023 година, српскиот кошаркар потпиша тригодишен договор со Олимпијакос за да си замине оттаму 11 месеци подоцна.


