Лос Анџелес Лејкерс ќе му оддадат голема почит на легендарниот тренер Фил Џексон, кој следната година ќе добие своја статуа пред Крипто арената во Лос Анџелес. Церемонијата на откривање е закажана за 9 април 2027 година, пред домашниот натпревар на Лејкерс против Минесота Тимбервулвс.
Џексон ќе стане деветтата личност поврзана со Лејкерс која ќе биде овековечена со статуа на „Star Plaza“. Пред него оваа чест ја добија Меџик Џонсон, Карим Абдул-Џабар, Џери Вест, Елџин Бејлор, Шекил О’Нил, Коби Брајант, Пет Рајли и легендарниот коментатор Чик Херн.
„Зен Мастерот“ остави огромна трага во историјата на клубот. Во два мандати како тренер на Лејкерс, Џексон го предводеше тимот до пет шампионски титули во НБА и седум настапи во големото финале. Под негово водство екипата триумфираше трипати по ред од 2000 до 2002 година, предводена од Коби Брајант и Шекил О’Нил. Подоцна, со Брајант и Пау Гасол како главни играчи, освои уште две титули – во 2009 и 2010 година.
This season, we honor Phil Jackson the legend, Champion, and Laker
— Los Angeles Lakers (@Lakers) September 8, 2026
Get your tickets to the game here: https://t.co/yIHKo8QqnF pic.twitter.com/RqofTiqDsg
Пред ерата во Лос Анџелес, Џексон веќе имаше изградено легендарен статус со Чикаго Булс. Во девет сезони со тимот освои шест шампионски титули, предводејќи го тимот на Мајкл Џордан и Скоти Пипен. Со вкупно 11 шампионски титули како тренер, Џексон е рекордер во историјата на НБА. Во текот на својата кариера во Лејкерс оствари 610 победи во регуларниот дел од сезоната, што е клупски рекорд за тренер, а неговите тимови во секоја сезона во која ги водеше стигнуваа до плејофот.
Претседателката на Лејкерс, Џини Бас, истакна дека влијанието на Џексон врз клубот оди многу подалеку од освоените трофеи.
„Фил Џексон со причина го дефинира шампионскиот кошаркарски дух. Неговиот маестрален пристап кон тренерската работа го извлече најдоброто од некои од најголемите спортисти во историјата“, порача Бас.
Статуата ќе биде дело на скулпторот Омри Амрани, кој е автор и на други скулптури поставени околу арената. Со оваа чест, Џексон дополнително ќе го зацврсти своето место меѓу најголемите личности во историјата на Лејкерс и НБА.


