Минатиот викенд, машката и женската пионерска репрезентација на Македонија учествуваа на Балканскиот турнир што се одржа во Орадеа.
Девојките претрпеа три порази од Романија, Словачка и Унгарија, додека момчињата ги совладаа Словачка и Романија, а загубија од Унгарија. Најистакнат меѓу нив беше Рон Јетиши кој освен тоа што беше најдобар скокач и доби место во идеалната петорка на турнирот, направи подвиг кој многу ретко се забележува кај македонски кошаркари на таа возраст.
Во дуелот против Словачка, во кој Македонија славеше со 90-86, Јетиши оствари трипл дабл со постигнати 18 поени, 19 скока и 11 асистенции за индекс 36. Интересно е тоа што младиот кошаркар игра на бековските позиции, а сепак успеа да направи 19 скока.
Јетиши е роден 2011 година, а игра во У14 и У16 екипите на Работнички каде тренер му е селекторот на пионерската репрезентација Нермин Пепиќ.


