Во тимот на Црвена Звезда се уште не можат да се помират од поразот во Каунас за кој тврдат дека е единствено дело на судиската тројка.
Српскиот и АБА шампион имаше голема шанса од Литванија да се врати со голема победа, но во бурниот финиш остана покус за два поена. Еден од најискусните во тимот, Никола Калиниќ удри по судиите, но и по Евролигата, без влакна на јазикот.
„Тажни сме, тажен сум бидејќи се боревме. Првото полувреме можеби не го одигравме најдобро, но мислам дека во второто ја заслуживме победата. Како и секогаш, судиите со своите одлуки го решија мечот. Не бараме некој да суди нешто за нас, само да одиграме и да видиме кој е подобар.
Добив лакт во заби… Како да го доживеам тоа? Место неспортска лична грешка, како што се свири секаде во Евролигата и наш посед, примаме кош и слободно фрлање за противникот. Тоа е одлука од 7-8 поени, што да зборуваме повеќе? Потоа Недовиќ фрла цепелин за Плавшиќ, свират фаул во напад. Судирот е на страна од противничкиот играч, никогаш не сум видел на тој начин да се одлучува натпревар.
Треба да бидеме подобри 15 разлика за да победиме со два, не е фер. И потоа повторно ќе си платиме милион евра за да играме следната сезона за пак да не крадат судиите“, рече Калиниќ.
По трите победи по ред, сега Звезда е во низа од три порази, но два од нив се доживеани поради сомнителни судиски одлуки.


