Првиот носител во плејофот Крива Паланка не ја искористи предноста на домашниот терен и веќе има негатива од 0-1 во полуфиналната серија со Вардар.
„Црвено-црните“ славеа како гости со 82-80 што само по себе е изненадување, но уште поголемо е ако се знае на кој начин дојдоа до победата. Во текот на мечот, Крива Паланка водеше и со 20 поени разлика (52-32), а на околу шест минути пред крајот беше и 78-62.
Сепак, во тие моменти, во проблеми со лични грешки влегоа странските кошаркарки кај Крива Паланка, прво теренот поради пет фаули мораше да го напушти Ниехуес, а потоа и Грин и домаќинките останаа со малку опции во нападот. Тоа го искористија „вардарки“ кои со серија од 11-0 се доближија на само пет разлика. Во последните шест минути Крива Паланка постигна само два поена и тоа преку Алексовска од линијата за слободни фрлања за 80-73. Следуваше уште една серија на Вардар, сега од 9-0 за во последните секунди Робинсон да промаши три шута за израмнување или победа.
Милица Николиќ беше најдобар кај Вардар со 23 поени и 10 скока, Алексиќ заврши со 16 поени и девет асистенции, а Пислевска додаде 14 поени. Робинсон ја предводеше Крива Паланка со 29 поени, но со лош шут од игра (10/31). Се Истакнаа и Ниехуес со 15 поени и 14 скока, како и Грин со 22 поена, девет скока и седум асистенции.
Вториот меч од серијата ќе се игра во Кале, а ако Вардар победи, ќе обезбеди пласман во големото финале.


