Екипата на Макаби направи значаен чекор кон пласманот на завршниот турнир од Евролигата откако вечерва направи брејк во првиот меч од четвртфиналната серија против Панатинаикос.
Тимот кој се соочи со големи проблеми оваа сезона поради војната на Блискиот исток и своите натпревари како домаќин ги игра во Белград, победи во Атина со 91-87 и поведе со 1-0. Макаби беше во негатива во поголем дел од мечот, во еден период и со 12 поени, но во последната четвртина го сврте натпреварот во своја корист.
На помалку од две минути пред крајот, Макаби поведе со 87-82, но Панатинаикос постигна пет поени по ред и се погрижи натпреварот да влезе во егал завршница. Трагичар на Панатинаикос беше Костас Слукас кој при водство на противникот од 89-87, му ја подари топката на противникот по што Нибо погоди две слободни фрлања и го реши победникот. Со тоа Слукас го засени својот одличен ефект во нападот имајќи предвид дека оствари личен рекорд од 13 асистенции.
Вториот меч од серијата се игра в четврток, повторно во Атина, а Панатинаикос не смее да си дозволи уште еден кикс.


