Репрезентацијата на Ангола по 12. пат во историјата стана шампион на Африка откако во финалето од континенталното првенство чиј организатор беше, го совлада Мали со 70-43.
Ова е прв трофеј за Анголците по 2013 година, а и натаму се убедливо најтрофејни на „црниот континент“ имајќи предвид дека најблиску до нив се Сенегал и Египет со по пет титули. Дури седум од овие 12 пехари се освоени во 21. век, а Ангола доминираше од 1999 до 2009 година кога пет пат по ред триумфираше на континенталните натпреварувања.
Финалниот меч што се одигра вечерва во Луанда не понуди никаква драматика бидејќи Ангола доминираше од првата до последната минута. Мали во ниедна четвртина не постигна повеќе од 12 поени, па водството на домашната селекција растеше со секој нов напад.
Ангола дојде до титулата со биланс 6/0, во групата ги победи Гвинеја, Јужен Судан и Либија, во четвртфиналето ги совлада Зеленортски Острови, во полуфиналето ѝ беше најтешко бидејќи Камерун го победи со 74-73, за финалето да биде само рутинско одработување.


