Поранешниот шпански репрезентативец Серж Ибака е замената за Венсан Поарие на центарската позиција во Реал.
Родениот Конгоанец потпиша договор со „кралскиот клуб“ на една сезона со што го означи своето враќање во Реал по 13 години. Во 2011, тој помина два месеца во редовите на шпанскиот гигант, во периодот додека траеше локаутот во НБА лигата.
Во тој период, Ибака беше член на Оклахома Сити Тандер каде помина седум од вкупно 14 сезони во НБА лигата. Три години беше член на Торонто Репторс со кого освои и шампионска титула во 2019 година, а играше уште за Лос Анџелес Клиперс и Милвоки Бакс пред лани да се врати во Европа, во тимот на Баерн. Таму остана само една сезона за сега, на 35-годишна возраст повторно да го облече дресот на Реал.
Иако сезоната во Баерн му беше далеку од најдобра, јасно е дека Ибака ќе биде големо засилување за Реал, особено во одбраната. Додека играше во НБА, три пати беше биран во најдобрата дефанзивна петорка, а два пати заврши како најдобар блокер во лигата. Искусниот центар е трето засилување за Реал ова лето, по Андрес Фелиз и Ксавиер Ратан Мејс, а во меѓувреме клубот ги продолжи договорите со Џанан Муса, Марио Хезоња, Серхио Љуљ и Еди Таварес. Екипата ја напуштија Фабиен Козер, Карлос Алосен, Венсан Поарие, Руди Фернандез и Сергио Родригез со тоа што последните двајца заминаа во пензија.


