Барселона доживеа пораз на домашен терен од Монако и си ја искомплицира ситуацијата кога станува збор за борбата за второто место на табелата во Евролигата.
Шпанскиот првак загуби со 67-77 на враќањето на Рики Рубио кој по 13 години во НБА, повторно заигра во Евролигата. Сите очи на шпанската спортска јавност вечерва беа насочени кон него, но искусниот плејмејкер не се израдува на победата затоа што на спротивната страна имаше исклучително расположен противник, предводен од Мајк Џејмс.

Ѕвездата на Монако постигна 17 поени и сега е на 12 од првото место на вечната листа на стрелци во Евролигата на кое во моментов е Василис Спанулис. Тој беше најефикасен во својата екипа, но Монако имаше уште четворица кошаркари со двоцифрен број поени. Кај Барса, прв играч беше Јан Весели со 19 поени и 10 скока, Лапровитола додаде 13, а Рубио заврши со пет поени за 11 минути во игра.
Најефикасен вечерва беше Фенербахче кој ја победи Басконија со 111-96, благодарение на 19. тројки. Биберовиќ погоди најмногу – пет тројки, а по четири реализираа Хејс и Сестина.


