Репрезентацијата на Грција триумфираше на олимпискиот квалификациски турнир што се одржа во Пиреја и петти пат во историјата, а прв по 2008 година, ќе игра на Олимписките игри.
Последното учество, селекцијата на нашиот јужен сосед го забележа во Пекинг каде го освои петтото место што е е и најголем успех за „Елините“ кои на истата позиција завршија и во 1996 и во 2004 година. Во финалниот меч, одигран вечерва, Грција ја совлада Хрватска со 80-69 и на доминантен начин, со четири убедливи победи, обезбеди виза за Париз.
Најзаслужен за убедливата победа беше Јанис Адетокунбо кој постигна 23 поени и 8 скока, зад него беше Папајанис со 19 поени, но голем придонес даде и Калатес со 14 поени, 11 асистенции и 5 скока. Во хрватската репрезентација, Зубац и Шариќ остварија дабл дабл, првиот со 19 поени и 13 скока, а вториот со 14 поени и 12 скока.
На Олимписките игри, Грција ќе биде во групата А каде засега се само Канада и Австралија. Последниот член на ова друштво ќе се знае по финалето во Валенсија каде се среќаваат Шпанија и Бахами.


