Од денеска до 21 јули во полскиот град Гдиња ќе се одржи 25. Европско првенство за кошаркари до 20-годишна возраст.
По пауза од 17 години, на него ќе учествува и македонската репрезентација која лани, со второто место на Б-шампионатот во Скопје обезбеди пласман во елитата. Последен пат, наша селекција на оваа возраст учествуваше на ова првенство во 2007 година во Нова Горица и Горициа и го освои 15. место поради што испадна во понизок ранг и потоа ниедна генерација не успеа да се врати. Ова ќе биде вкупно трето учество на македонска репрезентација на У20 Еуробаскетот откако првото го забележа во 2000 година, но службено, како домаќин на тоа првенство кое се одржа во Охрид.

Нашиот тим, предводен од Боро Смилковски се наоѓа во групата Ц, заедно со Турција, Шпанија и Белгија и јасно е дека не е фаворит за првото место што и не е толку важно во оваа фаза на натпреварување. Со оглед на тоа што Смилковски како главен приоритет го посочи опстанокот во оваа конкуренција, клучни ќе бидат четвртиот и петтиот натпревар кои се дел од нокаут фазата. Системот на натпреварување е таков што нема испаѓање од групата, во осминафиналето одат сите четири репрезентации, а противникот на Македонија ќе биде од групата Д каде се наоѓаат Црна Гора, Литванија, Исланд и Словенија. За да остане во А-дивизијата, Македонија не смее во конечниот пласман да биде на последните три позиции.
Во рамките на подготовките, репрезентацијата одигра шест пријателски натпревари, два пати загуби од Црна Гора во Подгорица, но потоа по два пати ги победи Словачка и комбинираниот американски колеџ-тим во Скопје. Во тимот кој отпатува за Полска се петмина од оние кои лани обезбедија пласман во елитната конкуренција: Андреј Шошкиќ, Петар Бошалески, Тома Стојановски, Никола Бојчев и капитенот Теодор Симиќ.
Првиот натпревар во групата, Македонија го игра вечерва против Шпанија од 20:30 часот. Утре во истиот термин се среќаваме со Турција, а в понеделник од 18 со Белгија.
МАКЕДОНИЈА НА ЕВРОБАСКЕТ ВО ПОЛСКА
Андреј Шошкиќ
Михаил Стојанов
Ненад Јовановиќ
Лука Димитриевски
Петар Бошалески
Грегориј Јакимовски
Никола Бојчев
Тома Стојаноски
Павел Иванов
Теодор Симиќ
Марко Луканоски
Ангел Кечовски
СЕЛЕКТОР: Боро Смилковски
ПОМОШНИК: Миодраг Тодоровиќ
ПОМОШНИК: Методија Бешлиоски
КОНДИЦИСКИ ТРЕНЕР: Матеј Јовановски


