Легендата на бразилската кошарка Марселињо Уертас синоќа го одигра последниот натпревар во дресот на својата репрезентација.
„Кариоките“ се елиминирани од Олимписките игри, а последен тим против кого Марселињо излезе на мегдан беше САД. Во репрезентативна пензија заминува на 41-годишна возраст и по две децении поминати во националниот тим. Го претставуваше Бразил на пет светски првенства (2006, 2010, 2014, 2019 и 2023), три олимписки игри (2012, 2016 и 2024) и четири континентални натпреварувања на кои освои две титули (2005 и 2009).
За разлика од репрезентативната, Марселињо не ја завршува играчката кариера бидејќи неодамна го продолжи договорот со Тенерифе на уште две години.


