Првпат во историјата кога не е организатор на првенство, репрезентацијата на Турција е полуфиналист на Еуробаскет.
Меѓу најдобрите четири, четата на Ергин Атаман стигна со победата против Полска со 91-77 и ќе го чека подобриот од пресметката меѓу Литванија и Грција за да го добие следниот противник. Триумфот на Турците е апсолутно заслужен иако за него им требаше само една добра четвртина, втората, која ја добија со 27-13.
Полската репрезентација добро се држеше во воведната четвртина, неколку пати и се најде во водство, но сето тоа падна во вода во вториот период. Со неколку кратки серии Турција успеа да направи висока предност, во третата четвртина водеше и со 22 разлика и мирно го приведе натпреварот кон крајот.
Блескаше најдобриот играч на Турците на ова првенство Алперен Шенѓун кој оствари трипл дабл со 19 поени, 12 скока и 10 асистенции. По 19 поени кај Полјаците постигнаа Понитка и Лојд, но далеку од доволно за ново изненадување на првенството.
Последен пат Турција беше во полуфиналето од Европско првенство во 2001 година кога стигна и до мечот за трофејот и таму загуби од СР Југославија.


