По пауза од 25 години, екипата на Работнички утре ќе му гостува на поранешниот европски шампион Босна, во култниот сараевски спортски центар „Скендерија“ во чиј склоп е салата „Мирза Делибашиќ“ во која игра босанскиот тим .
Последен пат, најтрофејниот македонски клуб гостуваше таму во 1999 година, во рамките на тогашниот ФИБА Сапорта куп и доживеа пораз од 51-82. Оттогаш Работнички не играше често во европските купови, а и Босна не се наоѓаше во добра состојба, па не ни имаше можност двете екипи да се сретнат. Претходно играа во југословенското првенство и оттогаш датираат најголем број од нивните меѓусебни дуели.

Екипата на Работнички веќе пристигна во Сараево и утре ќе го одигра натпреварот од четвртото коло на АБА 2 лигата. Играчите вечерва имаа можност да го почувствуваат теренот и одржаа тренинг во терминот на одигрување на утрешниот натпревар – 20 часот.


