Шампионот на Македонија, МЗТ Скопје претстојната сезона ќе учествува во дури пет натпреварувања.
Покрај Купот, Суперкупот и првенството на Македонија, како и АБА 2 лигата, шампионот се пријави и за настапи во ФИБА Европа купот. Тоа е враќање за МЗТ Скопје во ФИБА куповите по пауза од 26 години, односно по сезоната 2000/01 кога во второто коло беше елиминиран од Војводина. Следните 13 години, аеородромци не беа присутни на европска сцена, а во 2013/14 и во 2016/17 настапуваа во Еврокупот кој е под капата на Евролигата, а паралелно со тоа учествуваа во АБА лигата.
Своите противници во групата, МЗТ Скопје ќе ги добие на 16 јули кога ќе се одржи ждрепката во Минхен. Нашиот шампион оди во групната фаза и ќе има најмалку 10 загарантирани натпревари бидејќи во секоја група ќе има по шест екипи.
ФИБА Еврокупот од сезонава ќе се игра во проширен формат, односно со 48 екипи поделени во осум групи по шест тима, што значи загарантирани 10 меча за македонскиот првак. МЗТ Скопје е еден од 24. клуба со загарантирано директно учество, а се очекува 21 тим дополнително да се приклучи од квалификациите за Лигата на шампионите, од тие што нема да се пласираат во групната рунда. Последните три екипи ќе бидат добиени преку квалификации.
ДИРЕКТНИ УЧЕСНИЦИ: МЗТ Скопје (Македонија), Тарту, Калев (Естонија), Трепча, Башкими (Косово), Валмиера (Летонија), Генче (Азербејџан), Остенде (Белгија), Локомотив Пловдив (Бугарија), Сплит (Хрватска), Керавнос (Кипар), Жирона (Шпанија), Шалон, Нанси (Франција), Трир (Германија), Миконос, Ираклис (Грција), Солнок (Унгарија), Зиелона Гора, Шчеќин (Полска), Спортинг (Португалија), Крајова (Романија), Нитра (Словачка), Есенлер Ерокспор (Турција).


