Благодарение на одличната последна четвртина, екипата на Феникс ја оствари втората победа во сезоната, прва по четири порази во низа.
Екипата од Гази Баба славеше со 74-66 и привремено излезе од опасната зона иако е јасно дека ќе ѝ требаат уште вакви натпревари за да се спаси од испаѓање. Натпреварот беше максимално израмнет повеќе од три четвртини, двете екипи се менуваа во водство со тоа што во почетната фаза Гостивар водеше со 10-2.
Феникс брзо се врати на резултатски план иако гостиварци останаа во водство до почетокот на последниот период. Домаќините го направија пресвртот по серијата од 9-0 по која поведоа со 61-58, подоцна поведоа и со 71-63 и со тоа ставија точка на сите надежи на противникот дека можат да дојдат до триумф на ова гостување. Воедно Феникс се израмни со Гостивар кој го претрпе четвртиот пораз во низа.
Репрезентативецот Андреј Митревски со 23 поени беше најефикасен на натпреварот, додека во тимот на Гостивар, Роудс постигна 17.


