Кошаркарската федерација на Македонија денеска на прес-конференција ги објави бенефитите кои прволигашите во машка конкуренција ќе ги имаат со спонзорството со телекомуникациската компанија МТЕЛ.
Договорот со оваа компанија беше потпишан пред два дена по што првпат од сезоната 2010/11, Првата македонска кошаркарска лига доби спонзор.
„Jа закажавме оваа прес-конференција за да позборуваме за некои работи кои беа на дневен ред на работата на раководството на Федерацијата во изминатиот период. Последната точка од нашата предвидена програма за работа, беше наоѓање на спонзор, партнер, за првата лига мажи кој ќе им помогне на клубовите во реализацијата на активностите за натпреварувањето, без разлика дали тука станува збор за домашното првенство или за некое меѓународно натпреварување.
Последен пат Федерацијата имала спонзор за Првата лига мажи пред 14 години. Партнер најдовме во МТЕЛ, верувам на сите ви е познат. Станува збор за компанија чија примарна цел се телекомуникациите, но поддршката за врвен спорт не изостанува. Во минатото МТЕЛ помагал на многу македонски клубови и спортисти, меѓу кои и нашите два најтрофејни клубови МЗТ Скопје Аеродром и Работнички.
Со поддршката од МТЕЛ за претстојната натпреварувачка сезона односно 2024/2025 клубовите од Првата лига мажи ќе бидат целосно ослободени од котизацијата за учество. Кога го преземавме раководството, котизацијата беше 10.000. Ние одлучивме да ја намалиме на 8.000, а сега најдовме и спонзор кој ќе ја преземе и таа обврска за клубовите. Соработката е потпишана на една година, но се надеваме дека со взаемен успех ќе биде продолжена. Веќе некое време работиме и на случајот на најдеме и партнер за соработка за Првата лига жени, за да ги подобриме условите и во женската конкуренција“, рече генералниот секретар Владимир Георгиевски.


