Легендарниот НБА кошаркар Дикембе Мутомбо почина денеска на 58-годишна возраст од последици од канцер на мозокот.
Тој се бореше со тешката болест последните две години, но не успеа да излезе како победник од неа. Во исто време кога му беше откриен канцерот, Мутомто стана и светски амбасадор за борба против рак на мозокот.
Конгоанскиот центар помина 18 години во НБА, во екипите на Денвер, Атланта, Филаделфија, Њу Џерси, Њујорк и Хјустон и создаде имиџ на еден од најдобрите дефанзивци и блокери во лигата. Всушност, на второто место на вечната листа на блокери со 3.289, а пред него е само Хаким Олајџувон со 3.830. Во 90. години од минатиот век беше голема инспирација за тогашните млади кошаркари кои се трудеа да играат одбрана како него. По секоја блокада, Мутомбо мавташе со показалецот и велеше „Не во мојата куќа“ (Not in muy house) што стана синоним за добро одиграна одбрана.
„Дикембе Мутомбо едноставно беше поголем од животот. На теренот беше еден од најдобрите блокери и дефанзивци, а надвор од него, се даваше себе за да им помогне на другите. Јас сум еден од многуте кои беа допрени од големото срце на Дикембе и ќе ми недостасува премногу“, напиша, меѓу другото, Комесарот на НБА, Адам Силвер.
Во својата играчка кариера, Мутомбо четири пати беше прогласен за дефанзивец на годината, забележа осум настап на Ол стар натпревари и три пати беше избиран во најдобрата дефанзивна постава на лигата.


