Освен списокот на кошаркари кои ги објави новиот селектор на македонската репрезентација Жосеп Марија Бекорал, интересна е и одлуката на Федерацијата во врска со претстојниот натпревар на домашен терен против Луксембург.
По две децении, националниот тим повторно ќе тренира во салата во Градски парк која е реновирана. Прозивката е закажана за понеделник во 10 часот наутро во овој објект, таму ќе се одржуваат тренинзите и тој е пријавен во ФИБА како можен домачин на мечот, но засега е неизвесно дали таму ќе го пречекаме претстојниот противник. Салата на Работнички се соочуваше со проблеми поради што 15-кратниот шампион уште не може во неа да игра како домаќин во македонското првенство иако тренира во неа.
Како резервна опција е арената „Јане Сандански“ каде во краен случај би се одиграл натпреварот од третото коло.
Последниот натпревар во Градски парк, македонската кошаркарска репрезентација го одигра на 9 септември 2006 година против Португалија, во квалификациите за Европското првенство во 2007 и тогаш победивме со 83-63. Дел од таа екипа беа Врбица Стефанов, Диме Тасовски, Мирза Куртовиќ, Рајан Стак итн. Откако се изградија „Борис Трајковски“ и „Јане Сандански“, Македонија најчесто играше таму иако последните години често своите противници ги пречекуваше во Кале.


