Македонскиот репрезентативец Бобан Стајиќ повторно ќе биде член на Пелистер откако договори двегодишна соработка со актуелниот вицешампион.
Останува само уште да се средат некои формалности со неговиот досегашен клуб Работнички, но договор е постигнат и Стајиќ ќе се врати во тимот каде што настапуваше од 2020 до 2023 година и, меѓу другото, беше негов капитен. Претходната натпреварувачка кампања тој го носеше дресот на Работнички со кого настапи во полуфиналето од Купот и плејофот.
Стајиќ ќе биде првото официјално засилување за Пелистер во пресрет на новата сезона. Од вчера е познато дека тренер на екипата ќе биде искусниот Александар Петровиќ, а во претстојниот период ќе се формира костурот на тимот што ќе се обиде конечно да ја помине последната бариера и да го освои првиот трофеј во клупската историја.


