Словенечката суперѕвезда Лука Дончиќ е главна цел на Лос Анџелес Лејкерс за заштитно лице на франшизата од Калифорнија откако Леброн Џејмс ќе одлучи да замине во пензија.
Веста ја откри познатиот американски новинар Кевин Оконор во телевизиско шоу иако призна дека на Лејкерс воопшто нема да им биде лесно да го донесат играчот на Далас Маверикс во своите редови.
„Добив информации од редовите на Лејкерс дека веќе го посочиле Дончиќ за главна ѕвезда во иднина. Ќе видиме како ќе функционира тоа, Далас играше во финалето минатата сезона и направи одличен тим околу Лука, па можеби планот на Лејкерс нема да успее. Сепак, јасно е дека таму веќе размислуваат за иднината и водат сметка за пиковите на следните драфтови. Леброн Џејмс повеќе не е прв приоритет“, рече Оконор.
Леброн Џејмс во декември ќе наполни 40 години, но се уште нема најави дека размислува за пензија. Минатиот месец тој постигна нов двегодишен договор со Лејкерс за вкупна сума од 104 милиони долари што значи дека ќе остане во тимот од Калифорнија најмалку до 2026 година.


