Првпат по 2018 година, градот Куманово ќе има полуфиналист во Купот на Македонија кој оттогаш го смени името и сега се вика „Благоја Георгиевски Буштур“.
Екипата на МКК Куманово го комплетираше квартетот полуфииналисти во Купот на Македонија откако вечерва беше подобра од Пелистер со 75-66 и утре против ТФТ ќе се обиде да стигне до големото финале, првпат во својата кратка историја. Последен пат клуб од овој град играше во полуфиналето пред осум години, но тоа беше Куманово 2009 кој тогаш загуби од Работнички.
Денешниот натпревар беше решен во последната четвртина во која МКК Куманово прими само десет поени, направи пресврт и го скрши отпорот на противничкиот тим. Пелистер претходно главно беше во водство, но неговата предност никогаш не надмина шест поени. Толку беше кон средината на втората четвртина (36-30), а и на минута пред крајот на третиот период (56-50). МКК Куманово почна да го прави пресвртот кон средината на последниот квартал, а клучна беше серијата од 9-0 по која од нерешен резултат, домаќините отидоа на 73-64.
По реализациите на Вилсон и Николиќ на двете страни, повторно беше +9 за МКК Куманово, а во последните две минути немаше поени од ниедна од екипите, ситуација што му одговараше на домашниот тим кој рутински ја задржа својата предност и дојде до победата.
Најефикасен на мечот беше Урош Луковиќ кој постигна 20 поени со седум скока. Малешевиќ постигна 22 за Пелистер, но недоволно за битолскиот тим да го продолжи својот пат во полуфиналето.
Таму, МКК Куманово ќе се сретне со лидерот на табелата ТФТ, додека втората двојка ја сочинуваат МЗТ Скопје и Кожув.


