Со натпреварот против Сутјеска на домашен терен, вечерва од 18 часот во Кале, Работнички ќе го означи своето враќање во АБА 2 лигата, по пауза од три години.
Најтрофејниот македонски клуб немаше многу среќа во ждрепката и ја доби најтешката група во која се уште и Војводина и амбициозната Босна, а треба да освои едно од првите две места на табелата за да се пласира во следната фаза. Со девет нови играчи во однос на минатата сезона, Работнички ќе се обиде да ја поправи сликата од своето дебитантско учество во АБА 2 кога го освои 12. место во конкуренција на 14 екипи. Лани клубот од Градски парк настапи во квалификациите за ФИБА Европа купот, но не се прослави и го заврши настапот без ниедна победа иако беше организатор на турнирот.
Со оглед на многуте измени во ростерот, јасно е дека Работнички уште се бара за што потврда се променливите игри во текот на подготовките. Доживеа убедлив пораз од МЗТ Скопје на турнирот „Тафта“, но победи некои од останатите кандидати за висок пласман во домашното првенство. По денешниот натпревар тренерот Горан Самарџиев ќе има појасна слика за тоа во каква форма е неговиот тим пред стартот на шампионатот.
Сутјеска не е во кремот на црногорската кошарка, но во текот на летото за тренер го донесе поранешниот селектор на македонската репрезентација Драган Бајиќ, а има и исклучително искусен тим, предводен од екс-играчот на МЗТ Скопје, Радослав Спасојевиќ. Најголемиот дел од составот го сочинуваат црногорски кошаркари, има двајца Американци и двајца Срби.
Во групата на Работнички веќе се одигра првиот натпревар во кој Војводина како домаќин ја победи Босна со 77-68.


