По пауза од три недели поради завршницата од Купот на Македонија и квалификациите за Европското првенство, викендов продолжуваат натпреварите од Првата кошаркарска лига во машка конкуренција.
Дербито е уште на стартот, од 13 часот во Кале, ТФТ ќе го пречека Пелистер во дуелот на двете екипи кои ги дели само една победа. И покрај тоа што рано испадна во Купот, ТФТ се наоѓа во одлична форма во првенството и ја има втората најдолга победничка низа во моментов, со четири триумфи по ред. Сепак, тие четири победи ги оствари против екипи од долниот дел на табелата, па дуелот со Пелистер ќе биде вистинскиот тест за формата и квалитетот за екипата од Тафталиџе.

Пелистер за малку го испушти трофејот во Купот на Македонија кој се играше во Битола, но во првенството исто така добро чекори и славеше на три од последните четири натпревари. Во меѓувреме, екипата се засили со црногорскиот интернационалец Драговиќ кој денеска ќе дебитира. На битолчани им е преку потребна победата бидејќи со евентуален пораз би можеле да паднат дури на шестата позиција на табелата.
ТФТ и Пелистер веќе се сретнаа два пати оваа сезона и во двата меча славеше битолскиот тим, еднаш во АБА 2 лигата и еднаш во домашното првенство.
Во 18. коло од Првата лига има уште два исклучително интересни дуели. Едниот е во борбата за опстанок, денеска од 16 часот, меѓу Вардар и Кожув, а вториот е утрешниот, меѓу Феникс и МЗТ Скопје, во „Јане Сандански“.


