Најтрофејниот тренер во македонската кошарка Марин Докузовски во новата сезона повторно ќе биде дел од Првата лига.
„Докторот“ од лани е на клупата на МКК Куманово кого успеа да го внесе во елитната конкуренција, а сега ќе се обиде да оствари колку е можно подобар пласман и да им ги замрси сметките на останатите екипи. Меѓу другото, Докузовски со 64 години ќе биде и највозрасен тренер во Првата лига, но и убедливо најтрофеен со седум освоени титули, сите како шеф на Работнички.
Својот последен ангажман како тренер во Првата лига, Докузовски го имаше во сезоната 2018/19 токму на клупата на Работнички и тогаш го одведе тимот до финалето од плејофот каде загуби од МЗТ Скопје со 0-3, но го освои Купот на Македонија што се уште е последен трофеј за клубот од Градски парк. Следната сезона му го предаде кормилото на Димитар Мираковски на кого му беше стручен советник, на таа позиција остана до 2021 година кога го напушти клубот и повеќе не се врати.
Следните две години не беше присутен во македонската кошарка, но краток период помина во косовскиот тим Пеја со кого триумфираше во регионалната Унике лига (лига на клубови од Косово и Албанија), за лани апсолутно неочекувано да се врати како тренер на тогашниот второлигаш МКК Куманово. Овој клуб сезонава ќе дебитира во Првата лига, а ќе има чест на клупата да биде стручњакот со седум титули, три купа и творецот на најголемиот успех на македонската репрезентативна кошарка со четвртото место на Европското првенство во Литванија 2011.


