Поранешниот македонски репрезентативец и еден од највозрасните кошаркари во домашното првенство Дарко Соколов не ја продолжи соработката со Тиквеш и одлучи кариерата да ја продолжи на друго место.
Член на кавадаречкиот тим, тој беше од 2019 година кога се пресели таму од МЗТ Скопје, но во иднина ќе настапува за тимот на Гостивар кој ја продолжува изградбата на тимот за новата сезона. Во Гостивар повторно ќе соработува со Љупчо Малинков кој му беше тренер и во поранешниот тим Еуро Никел.
Соколов, кој има 38 години, е четврти кошаркар под договор со тимот на Гостивар, покрај Максим Митевски и странските играчи Младен Грушановиќ и Ксавиер Роудс.


