Поранешниот селектор на македонската репрезентација Марјан Србиновски ѝ се враќа на кошарката, безмалку една година откако си замина од Кошаркарската федерација каде работеше како спортски директор.
Во новата сезона, тој ќе го води тимот на Соколи од Штип и тоа ќе биде негов прв тренерски ангажман по повеќе од пет години, односно по април 2021 кога го напушти Гостивар. Иако формално Соколи во моментов се прволигаши, не е исклучено да настапуваат во Суперлигата, како замена за Чаир кој не доби лиценца за новата сезона. Србиновски денеска беше претставен на новата функција и ги изнесе своите очекувања за она што претстои.
„Уште на првиот состанок ми беа презентирани амбициите и планот за развој, како и инфраструктурата, односно новата сала, која морам да ја пофалам бидејќи е една од најмодерните од овој тип во нашата држава. Амбициите на клубот се поклопија со моите и лесно дојдовме до договор. Чекаме официјално да бидеме промовирани во суперлигаши и во тој правец ја подготвуваме екипата. Нема голем број квалитетни македонски играчи на пазарот, но правиме напори да составиме што подобар ростер во рамките на планираниот буџет. Планираме да доведеме и три странски засилувања“, изјави Србиновски на промоцијата.
Ова ќе биде нов предизвик во кариерата на гостиварецот кој во својата тренерска кариера ги водеше Работнички, Торус, Куманово, Кожув и Гостивар, како и македонската репрезентација чиј селектор беше при последниот настап на европските првенства, во 2015 година.
На денешната прес-конференција на Соколи беше објавено дека клубот веќе доставил пријава за добивање вајлд-карта за место во Суперлигата. Засега е неизвесно дали ќе има конкуренција во други клубови.


