Првпат откако во мај лани го напушти Работнички, Горана Самарџиев се враќа на тренерската клупа како пеф на стручен штаб на една екипа.
Од утре, тој ќе го води косовскиот прволигаш Раховеци, на местото на Бујар Љоци кој вчера доби отказ на истата функција. За Самарџиев тоа ќе биде второ интернационално тренерско искуство откако пред да дојде во Работнички, со успех го водеше словачкиот прволигаш Комарно. Во меѓувреме, по заминувањето од 15-кратниот шампион на Македонија, Самарџиев летоска беше селектор на У20 репрезентацијата со која настапи на Б-Европското првенство.
Раховеци е познат по соработката со македонски тренери и кошаркари, таму работеше поранешниот соработник од Фени Индустри и сограѓанин на Самарџиев, Љупчо Малинков, а во сезоната 2019/20, на клупата на овој тим беше и сегашниот селектор на репрезентацијата Марјан Илиевски. Самарџиев ќе има тешка задача бидејќи тимот се наоѓа на седмата, претпоследна позиција на табелата, со биланс 5/10 колку што има и последниот Велазними.


