Македонскиот шампион МЗТ Скопје денеска го игра петтиот натпревар во АБА 2 лигата, прв по 20 ноември кога на домашен терен ја победи Јахорина.
Тимот од Аеродром гостува кај Златибор во реприза на финалето од регионалното натпреварување во 2022 година кога во „Јане Сандански“ триумфираше српскиот претставник, но МЗТ обезбеди пласман во елитната дивизија. Златибор со години е еден од најдобрите тимови во оваа конкуренција, а на домашен терен е особено сигурен и во досегашниот дел од сезоната славеше на двата меча пред своите навивачи.
Сепак, по поразот од Сутјеска во второто коло, а и поради силната конкуренција и израмнетоста, МЗТ Скопје мора да се обиде да триумфира вечерва бидејќи само така ќе си ги зголеми шансите за пласман во плејофот. Екипата се наоѓа во одлична форма, има девет победи по ред во сите натпреварувања, а својата моќ ја покажа и во неделата во дуелот со Работнички кога со половина сили славеше со 18 поени разлика.
Во четирите меѓусебни дуели со Златибор, МЗТ Скопје има само една победа, остварена во март 2021 година со 90-71. Во следните три меча славеа Србите, но сите три триумфи беа изразени со разлика од четири или пет поени. Тренерот Васко Атанасов денеска ќе го нема на располагање новото засилување Душан Танасковиќ кој се уште нема право на настап, но ќе биде во комбинација за следниот меч, против Војводина.
Денешниот дуел се игра од 18 часот, двете екипи во него влегуваат со биланс 3/1, а само една ќе им се придружи на Широки и Домжале кои веќе ги одиграа натпреварите од петтото коло и сега имаат 4/1.


