Легендарниот македонски кошаркар, сега во улога на тренер, Тони Симиќ ја прекина соработката со Шкупи, по само три одиграни кола во новата сезона.
Во нив, повратникот во елитата не успеа да оствари ниедна победа, но факт е дека имаше исклучително тежок распоред, со ривали како МЗТ Скопје, Работнички и Чаир. Симиќ беше тренер на Шкупи нешто повеќе од една година, екипата ја презеде пред почетокот на ланската сезона и успеа да ја врати во Првата лига, по пауза од пет години.
„Сакам да ја известам јавноста и сите љубители на кошарката дека се повлекувам од тренерската позиција во Кошаркарскиот клуб Шкупи, во интерес на играчите и самиот клуб. На сите им посакувам успех во натамошната работа и сакам да се заблагодарам на сите во клубот. Одлуката е моја и уште еднаш потенцирам дека сето тоа е за доброто на клубот“, рече Симиќ по прекинот на соработката.
Ова е прва тренерска смена во македонското кошаркарско првенство, а раководството на Шкупи веројатно наскоро ќе објави кој ќе биде наследникот на Симиќ. Следен ривал на тимот од Чаир е Вардар, во четвртото коло од Првата македонска лига.


