Екипата на Баерн е прв финалист во Бундеслигата откако го елиминира Бон со 3-0, по денешниот триумф со 77-57 како гостин.
На трите меча баварскиот тим славеше со вкупно 47 разлика што доволно зборува за разликата во квалитет меѓу двете екипи, а само на првиот меч имаше каква-таква неизвесност. Баерн е во серија од 15 победи во Бундеслигата, а последниот пораз го доживеа пред точно два месеца – на 4 април, од Мителдојчер на гостински терен.
Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ вечерва немаше голем придонес во победата, за 14 минути во игра постигна три поен, четири скока и една асистенција, но сепак ќе има можност да стави уште еден трофеј во својата колекција. Досега има една титула во ВТБ лигата и Суперкуп на Италија, а во финалето ќе игра против подобриот од серијата меѓу Бамберг и Алба.


