Помошниот тренер во јуниорската репрезентација на Македонија, Един Имер ќе ја продолжи својата кариера во Словачка.
Тој добил понуда, а потоа и ја прифатил од академијата АКАПО од Лученец каде ќе работи со младите категории, односно кошаркари на 12, 14 и 17-годишна возраст. Тоа е нешто слично на она што го работеше во Македонија, во тимот на Водно Санс каде ја водеше и младата екипа. Со АКАПО, Имер потпишал договор на 1+1 сезона и на 14 август треба да се приклучи на подготовките за новата сезона.
Имер беше дел од стручниот штаб на јуниорската репрезентација на Македонија која во неделата го освои златниот медал на Европското првенство Б-дивизија во Скопје. Тој долги години работи со млади категории во земјава и има бројни титули во националните првенства.


