Пред крајот на минатата недела, јуниорската репрезентација на Македонија гостуваше во Црна Гора каде ги одигра последните подготвителни натпревари пред Европското првенство што на 26 јули почнува во Белград.
Нашите млади кошаркари, кои конечно се комплетираа, остварија по една победа и пораз. Триумфираа на вториот дуел, со 71-66, пред се благодарение на подобрата игра во второто полувреме кое им припадна со 37-29. Најефикасен на тој меч беше капитенот Никола Јаничиќ кој постигна 18 поени со 7 скока, Данев додаде 15 поени, а Димовски 10.
На првиот натпревар, подобри беа Црногорците кои славеа со 98-80. И тогаш прв играч во македонската селекција беше Јаничиќ кој за малку не оствари трипл дабл и заврши со 27 поени, 10 скока и 6 освоени топки.
Европското јуниорско првенство стартува претстојната сабота, а Македонија е во групата Ц, со Литванија, Грција и Србија.


