Откако пред 15 години драстично се сменија работите во македонската кошарка во корист на МЗТ Скопје, Работнички многу ретко излегуваше како победник во меѓусебните дуели со својот најголем ривал.
Со исклучок на периодот 2017-18 година, кога шампионскиот трофеј последен пат заврши во Градски парк, најчесто на победите се радуваше тимот од Аеродром кој во оваа деценија и пол освои 13 од можните 15 титули. И во Купот не беше нешто поразлично, па затоа победи како денешната, за Работнички имаат посебно значење.
Ова што се случи вечерва во Аеродром не е видено точно осум години и четири дена. На 12 ноември 2018 година, Работнички последен пат го победи МЗТ Скопје како гостин во големата сала „Јане Сандански“. Тогаш своја вечер имаше Марјан Јаневски кој постигна 30 поени со шут за тројка 6/7 и Работнички, под водство на Марин Докузовски, славеше со 90-88.
Оттогаш до денеска, тимот од Градски парк двапати го победи МЗТ Скопје како гостин, но ниеднаш во големата сала во „Јане Сандански“, пред полни трибини. Првиот пат тоа се случи на 14 април 2021 година кога Работнички славеше со 75-74, но во малата сала во „Јане Сандански“ и пред редуциран број гледачи бидејќи тогаш уште важеа мерките против корона вирусот. Вторпат Работнички победи на 25 јануари 2024 година, меѓутоа тогаш воопшто не се играше во Аеродром, туку во Кисела Вода бидејќи арената „Јане Сандански“ беше зафатена, а „црвено-белите“ не сакаа да прифатат одложување.
Интересно е тоа што Работнички не го победил МЗТ Скопје како домаќин од 1 ноември 2020 година кога се одигра последното „вечно“ дерби во Градски парк.


