Сениорската кошаркарска репрезентација на Македонија денеска од 18 часот во Градски парк го игра петтиот натпревар од првата претквалификациска фаза за пласман на Европското првенство во 2029 година.
Досега нашиот национален тим има четири победи на исто толку натпревари и ако ја продолжи серијата против Ирска на домашен терен, дефинитивно ќе обезбеди место меѓу оние кои го продолжуват патот кон континенталниот собир. Теоретски и со два пораза во последните два меча, со Ирска и Луксембург, Македонија би можела да оди во вторатав претквалификациска фаза во која ќе учествуваат 12 репрезентации, но тука веќе ќе игра математиката, а би било добро нашите кошаркари да го избегнат тоа.
Ирците ги совладавме во ноември во Даблин, а фактот што тие се последни на табелата и немаат шанси ни како најдобра второпласирана селекција да одат во следната фаза, ја прави Македонија уште поголем фаворит за победата. Гостите дојдоа во Скопје директно од Лос Анџелес, со големи промени и драстично подмладен состав во однос на првиот меѓусебен дуел. Од тој тим, само тројца се сега во екипата, шестмина ќе дебитираат, а пет од новите се на возраст меѓу 20 и 21 година. Пред неколку дена загубија од Ерменија со 15 разлика во Лос Анџелес и тоа би требало да биде показател за нивната моментална форма.
Македонија повторно нема да биде комплетна, но секако е фаворит на денешниот натпревар. Селекторот Жосеп Марија Берокал и неговите помошници во стручниот штаб имаа повеќе од две недели за да се подготват за овој меч и нема сомнение дека до детаљ го проучиле противникот, особено по нивниот меч во Лос Анџелес. На располагање има и двајца натурализирани кошаркари со големи квалитети во Нејт Сестина и Ди Џеј Стјуарт и кој од нив и да игра, секако ќе биде лидер на теренот, заедно со капитенот Војдан Стојановски и најдобриот домашен играч во овој тим во моментов Андреј Јакимовски.
Денешниот натпревар ќе го судат Али Сакачи од Турција, Алесандро Перчиавале од Италија и Габриелиус Симонавичиус од Литванија. Билетите се во продажба по цена од 200 денари.


