ФИБА ги подреди најголемите изненадувања од двете кола во квалификациите за Европското првенство кои се одиграа во февруарскиот термин.
Во кругот на сензации е и победата на македонската репрезентација против Полска со 96-71, одигран вчера во Сосновиец. Мечот е ставен во групата изненадувања врз основа на пласманот на ранг-листата на ФИБА, а разликата меѓу двете репрезентации изнесува 44 позиции (59-15). Најголемото изненадување го бираат читателите на интернет страницата на ФИБА.
„Македонија во 2011 година оствари еден од најлудите резултати во поновата кошаркарска историја со пласманот во полуфиналето на Европското првенство во Литванија, елиминирајќи го домаќинот во четвртфиналето. Во 2022 година Полска оствари еден од најлудите резултати во поновата кошаркарска историја со пласманот во полуфиналето од Европското првенство, елиминирајќи ја Словенија во четвртфиналето.
Двете ‘Пепелашка нации’ се сретнаа во 2024 година, а исходот на дуелот ги враќа спомените на 2011. Црвено-жолтите ја обоија арената и не само што ја победија Полска, туку тоа го направија со 25 поени разлика, на гостински терен“, објасни ФИБА.
Според досегашното гласање, најголемо изненадување е победата на Бугарија против светскиот првак Германија, потоа победата на Естонија против Литванија и на трето место е триумфот на Белгија против европскиот шампион Шпанија.


