Актуелниот вицешампион на Македонија, ТФТ победнички ја почна новата сезона во АБА 2 лигата откако славеше на гостувањето кај Раднички Крагујевац со 84-78.
Српскиот тим пред два дена се вклучи во оваа конкуренција, на местото на Цибона која го напушти натпреварувањето. ТФТ требаше да гостува во Загреб, но место тоа отпатува во Крагујевац и ги однесе бодовите.
Клучна беше третата четвртина која македонскиот тим ја доби со 31-16 и го сврте резултатот во своја корист. Конкретно, тоа се случи со серијата од 16-1 во средината на овој период со која од 49-55, ТФТ отиде на 65-56. Раднички се обиде да ја врати предноста во последниот квартал, на две минути пред крајот се доближи на 75-78, но Зафиров, Гордон и Сомервил поентираа и со серија од шест поени, ТФТ стави крај на сите дилеми околу победникот.
Дејвис со 24 поени беше најефикасен кај ТФТ, но се истакна и Ентони Говенс кој постигна 20 поени, 7 асистенции, 6 скока и 5 украдени топки иако и загуби 8 топки. Во второто коло, на 28 октомври, ТФТ во Скопје ќе ја пречека Војводина и тоа ќе биде прв натпревар на домашен терен за тимот од Тафталиџе во регионалното натпреварување.


