По долго и тешко боледување, утрово во Белград на 73-годишна возраст почина Дражен Далипагиќ, еден од најдобрите кошаркари на просторите на порашена Југославија.
Популарниот Праја е роеден во Мостар во 1951 година, член е на Куќата на славните и освојувач на трофеите на најголемите натпреварувања на клупско и репрезентативно ниво. Вкупно 10 години од својата кариера помина во Партизан каде се уште е најдобар стрелец со 8.278 поени и покрај тоа што последен пат за овој тим играше во 1982 година.
Со белградскиот тим освои две титули во југословенското првенство и една во Купот на Југославија, а триумфираше и два пати во поранешниот Куп „Радивој Кораќ“. Играше и за Венеција, Реал Мадрид, Удине, Верона, а интересно е тоа што кариерата ја заврши во Црвена Звезда во 1991 година.
Со репрезентацијата на Југославија освои вкупно 13 медали од големите натпреварувања од кои три злата на европските првенства (1973, 197 5 и 1977) и по едно на олимписките игри (1980), светските првенства (1978) и медитеранските игри (1975). Во 1991 година, ФИБА го прогласи за еден од најдобрите 50 кошаркари на сите времиња и еден од најдобрите 50 што играле во Купот на шампионите.
По завршувањето на играчката, Далипагиќ почна и тренерска кариера, но таа кратко траеше. Водеше само три екипи меѓу кои краток период и МЗТ Скопје, во сезоната 1998/99.


