Вечерва во ТД Гарден почнува големото финале во НБА лигата во кое ќе се сретнат Бостон Селтикс и Далас Маверикс.
Предноста на домашниот терен ќе ја има Бостон, но за Далас тоа ништо не значи бидејќи веќе излезе на крај со Оклахома и Минесота иако противниците стартуваа со таква предност. Селтикс беше најдобар тим во лигата во основниот дел од сезоната и ќе ја брка рекордната 18. шампионска титула, прва по пауза од 16 години. Далас има само еден трофеј, освоен во 2011 година кога прва ѕвезда на екипата беше Дирк Новицки.
Бостон имаше многу полесен пат до финалето и одигра речиси минимален број натпреварот бидејќи во првата рунда го елиминира Мајами со 4-1, во втората Кливленд со 4-1 и во конференциското финале Индијана со 4-0. Од друга страна, Далас имаше пеколно тешка задача затоа што на почетокот се сретна со Лос Анџелес Клиперс, потоа со најдобриот тим на Западот, Оклахома и на крајот со Минесота која претходно беше подобра од Денвер. Одлично се снајде против екипите кои на хартија беа фаворити поради што сите се свесни дека не смеат да го отпишат во финалето и покрај тоа што во основниот дел од сезоната имаше дури 14 победи помалку од својот ривал во финалето.
Поради лесниот пат до финалето, за сите е енигма формата на Бостон и тоа како оваа екипа би се снашла со посериозен ривал како Далас. Јасно е дека се во тимот се врти околу тандемот Тејтум-Браун кои играат одлично во плејоф и во просек заедно постигнуваат по 51 поен на натпревар. Најавено е враќањето на Кристапс Порзингис кој досега не играше во плејофот поради повреда, но информациите се дека е подготвен да се соочи со својот поранешен тим.
На спротивната страна, нема многу дилеми, главен е Лука Дончиќ и Бостон мора да го запре словенечкиот ас ако сака да се надева на триумф и титула. Дончиќ игра во фантастична форма иако е факт дека имаше голема помош од Кајри Ирвинг, како и од епизодистите Пи Џеј Вашингтон, Дерик Лајвли и Даниел Гефорд. За Дончиќ, ова е можност да дојде до првата титула во својата кариера и сериозно да го загрози Дирк Новицки како најдобар играч во историјата на франшизата од Тексас. На последните 35 натпревари, вклучувајќи го и крајот на основниот дел од сезоната, Далас доживеа само седум порази.
Во основниот дел од сезоната, Бостон славеше на сите три пресметки со Далас, но мора да се истакне дека тие дуели се играа пред Мавс да ги направи трејдовите и да доживее неверојатна дефанзивна трансформација. Првиот меч од финалето се игра вечерва од 2:30 часот, а ако серијата дојде до „,мајсторка“, таа би била на програмата на 24 јуни.


