По еден ден пауза и средување на импресиите од групната фаза, македонската јуниорска репрезентација денеска го игра четвртфиналето од Европското првенство Б-дивизија што се одржува во Скопје.
Противник на нашиот тим е Португалија за која слободно може да се каже дека е најслаба селекција меѓу осумте најдобри и единствена која во оваа фаза стигна со биланс 2/2. Се разбира, тоа не значи дека треба да има опуштање кај македонските кошаркари кои веќе заслужија честитки поради тоа што го освоија првото место во можеби најтешката група на првенството.

Со пет победи од кои четири со двоцифрена разлика, јуниорската репрезентација на Македонија ги воодушеви сите кои го следат шампионатот, а особено импресионира со тимската игра и енергијата која ја покажа на теренот. Останува во следните три дена да ја доврши својата работа и да ја оствари главната цел, а тоа е медал, односно пласман во А-дивизијата во У18 конкуренцијата.
Натпреварот меѓу Македонија и Португалија се игра од 18:30 часот во СРЦ „Кале“ и важно е нашите кошаркари да добијат поддршка од трибините и покрај тоа што денеска е голем верски и државен празник. Подобриот од овој меч, во полуфиналето ќе се сретне со победникот од дуелот меѓу Швајцарија и Бугарија.


