Од година во година, квалитетот во Евролигата е се поголем, па исклучок нема да биде ни новата сезона во која како никогаш досега ќе има поранешни НБА кошаркари.
По пауза од 11 години, минатата сезона титулата во елитното натпреварување се врати во Грција, а како што стојат работите, нема да биде чудо ако остане таму и по оваа натпреварувачка кампања. Панатинаикос е бранител на титулата, а заедно со Олимпијакос ги направија најспектакуларните трансфери во текот на летото.
ПАО во своите редови ги донесе Лоренцо Браун, Џеди Осман и Омер Јурцевен, додека Олимпијакос го врати Александар Везенков и се засили со Еван Фурние, Кинан Еванс, Тајлер Дорси и Лука Вилдоса. Активни беа и Фенербахче и Барселона, но се чини дека никој не може, барем на хартија, со грчките гиганти кои се решени да одат до крајот.
Сите учесници во Евролигата направија вкупно 108 трансфери, а во 16 од нив се вклучени кошаркари кои до минатата сезона играа во НБА. Најмногу нови играчи има Партизан (14), потоа следува Жалгирис со 8, Виртус, Црвена Звезда и Фенербахче по 7, Асвел и Макаби по 6 итн.
По подолго време, Македонија ќе биде застапена во Евролигата со двајца репрезентативци, двајцата дебитанти во елитното натпреварување. Ненад Димитријевиќ вечерва излегува на терен во дресот на Олимпија Милано на гости кај Монако, а Ти Џеј Шортс утре со Париз ја пречекува Црвена Звезда.
ДВОЈКИ ЗА 1. КОЛО
03.10.2024
18:45 Алба – Панатинаикос
19:00 Монако – Милано
19:00 Жалгирис – Барселона
20:30 Басконија – Партизан
20:45 Баерн – Реал
21:00 Макаби – Асвел
04.10.2024
19:30 Фенербахче – Олимпијакос
21:00 Париз – Црвена Звезда
21:00 Виртус – Анадолу Ефес


