Со два натпревара, вечерва по полноќ, по средноевропско време, почнува новата сезона во НБА лигата.
Титулата ја брани Бостон Селтикс кој е и најголем фаворит за нејзино освојување имајќи предвид дека години наназад има исклучително компактен тим кој во континуитет игра заедно. Системот го постави Бред Стивенс, го надгради Име Удока, а во титула го претвори Џо Мазула. Бостон ќе се обидат да направат нешто што последен пат му успеа на Голден Стејт пред шест години – да го одбрани шампионскиот трофеј и со повторно да му избега на Лос Анџелес Лејкерс на листата на најуспешни екипи во историјата на НБА.
Како главни ривали на Бостон се спомнуваат неколку екипи. Во прв ред, тоа е Оклахома Сити Тандер која созреа во меѓувреме и е способна за големи дела, потоа Далас Маверикс каде Лука Дончиќ доби помош во Клеј Томпсон и Минесота Тимбервулфс која исто така зрее и минатата сезона покажа фантастични резултати. Секако, тука не смее да се заборави Денвер Нагетс, но само поради Никола Јокиќ бидејќи остатокот од екипата е далеку од неговото ниво и покрај големите пари потрошени за продолжување на договорите на главните играчи.
Новата сезона ќе биде интересна и по уште неколку работи. Во неа на стартот ќе има 125 странски (неамерикански) кошаркари што е нов рекорд во НБА лигата. Во САД за странци ги сметаат и Канаѓаните и покрај тоа што лигата е американско-канадска, а од најсеверната држава на американскиот континент има рекроден 21 претставник. Странците доаѓаат од вкупно 43 држави низ светот и од шест континенти.
Ова е четврти пат во низа, бројката на странци да биде над 120, а веќе 11 години по ред има троцифрен број и покрај тоа што во текот на летото многумина заминаа да играат во Евролигата. Во сите екипи во НБА има барем еден кошаркар кој не е Американец, а најмногу од нив, по седуммина, има во Оклахома и Портланд. Интересно е тоа што и Жоел Ембид е во групата странски кошаркари и покрај тоа што летоска настапи за американската репрезентација на Олимписките игри во Париз.
Основниот дел од сезоната во НБА ќе трае од 22 октомври до 13 април, плејинот ќе се одржи од 15 до 18 април, а плејофот стартува на 19 април. Финалната серија е планирано да почне на 5 јуни 2025 година.
ДВОЈКИ ЗА ВЕЧЕРВА
Бостон – Њујорк 01:00
Ла Лејкерс – Минесота 04:00


